Шкендија договори четири пријателски средби пред европското лето

Македонскиот вицешампион Шкендија го објави распоредот на контролните натпревари за време на подготовките во Словенија, каде тетовскиот тим ќе престојува од 16 до 30 јуни.

„Црвено-црните“ се сместени во Терме Чатеж, каде ќе ја реализираат главната фаза од летните подготовки во пресрет на новата сезона и настапите во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА.

Покрај физичката и техничко-тактичката работа, избраниците на Артим Положани ќе одиграат четири пријателски натпревари против квалитетни ривали, преку кои стручниот штаб ќе се обиде да ја темпира формата и да го дефинира составот пред почетокот на официјалните натпревари.

Првиот тест за Шкендија е закажан за 19 јуни против словенечки Копер, а четири дена подоцна, на 23 јуни, тетовци ќе ги одмерат силите со хрватскиот великан Хајдук Сплит.

На 27 јуни Шкендија ќе се соочи со актуелниот шампион на Словенија, Целје, додека генералната проба пред европските предизвици ќе биде на 30 јуни против украинска Зорја Луганск.

Овие натпревари ќе претставуваат важен показател за моменталната форма на македонскиот тим пред стартот на квалификациите за Конференциската лига.