ВИДЕО: Шкендија без сила во Шпанија, Рајо победнички ја отвори КЛ

Македонскиот фудбалски првак Шкендија со пораз од Рајо Ваљелано во Мадрид (0-2) ја отвори групната фаза од Конференциската лига на УЕФА каде тетовчани се едни од дебитантите. Во дуел во кој домаќинот одигра онолку колку што му беше потребно, црвено-црните останаа со празни раце, па бодови ќе бараат дома.

Дуелот во Ваљекас почна со притисок на домаќинот. Рајо уште од воведните минути ја зеде топката во свои нозе и почна да игра на половината на Шкендија, тоа донесе две полушанси кои не донесоа погодок. Течеше 20 минута кога по еден корнер, Клинсман Цаке за малку не си даде автогол. И откако притисокот продолжи, тимот на Јетон Беќири капитулира и прими два гола во четири минути. Преку две контри, Рајо дојде до сигурни 2-0, со головите кои ги дадоа Лопез во 28. минута и Перез во 32. минута.

До финишот на првиот дел, немаше промена на резултатот. Во вториот дел Рајо како да се задоволи со овој резултат. Шпанците ја држеа топката, а Шкендија делуваше немоќно. Доказ за инфериорноста на македонскиот тим на овој меч беше фактот дека Шкендија само еднаш шутна кон голот на Рајо, тоа беше во 82. минута, од далечина од преку триесетина метри, додека ривалот испрати над 20 шута кон голот на Гаје.

Шкендија следниот меч од Конференциската лига на УЕФА го игра на домашен терен, кога во Скопје доаѓа ирскиот претставник Шелбурн.