• Мартин Танасковски

Екипата на Шкендија Арачиново направи подвиг и со победа на гостувањето кај Брегалница во Штип (0-1) ја забележа третата победа по шест одиграни кола во деби сезоната во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).
- Извештај од натпреварот:
Гостите беа инфериорни, но со една добра шанса во финишот на мечот освоија големи три бода на гостувањето во градот под Исарот. Јунак беше нововлезениот Аритон Мехмед, кој со шут од далечина го совлада Јашар и ја донесе Шкендија Арачиново до котата од десет освоени бода во елитното друштво.
Мечот можеше да биде поинаков, ако Брегалница ги користеше шансите во првиот дел. Се заканија „сините“ неколку пати, а најзрелата можност ја имаше Мартин Стојанов кој во 35. минута изведе еден супер-волеј, но топката заврши во корнер. За Шкендија Арачиново, двапати се закани искусниот Вилдан Керим, ама немаше погодоци.
Клучниот момент кој го сврти мечот во корист на гостите беше вториот жолт картон на Методи Максимов. Играчот во 77. минута остро стартуваше од зад грб врз Тодоров, а судијата Јован Качевски му го покажа патот кон соблекувалната. Нешто помалку од десет минути по овој потег, Шкендија дојде до победата, со голот на Мехмед од далечина. Голем триумф за арачиновци, со кој се вивнаа кон горниот дел на табелата во ПМФЛ, а Брегалница испадна во опасната зона.
Прва македонска фудбалска лига, шесто коло:
Брегалница - Шкендија Арачиново 0-1 (0-0)
Стрелец: 85' Аритон Мехмед
Градски стадион во Штип
Гледачи: 500
Главен судија: Качевски Јован
Асистенти: Ѓорѓиески Мишо, Балески Горан
ВАР-судија: Ристовски Доне
Жолти картони: Максимов, Лемос (Брегалница) и Мартин Тодоров, Селмани и Фазлагиќ (Шкендија Арачиново)
Црвени картони: Максимов (Брегалница), Фазлагиќ (Шкендија Арачиново)
Брегалница:
Јашар, Ангелов, Темелков, Стојанов, Максимов, Николов (од 89м. Лемос), Глигоров (од 61м Натаниел Лоренцо), Велкоски, Коцев (од 46м Рајков), Стојкоски (пд 46м. Алексовски), Велков
Шкендија Арачиново:
Столевски, Мартин Тодоров (од 88м, Шаркоски), Адили, Личина, Керим (од 68м. Елези), Нухија (од 90м. Рушити), Демири, Аризанкоски, Миле Тодоров (од 88м. Хакај), Фазлагиќ, Селмани (од 68м. Мехмед)
Играч на натпреварот: Аритон Мехмед (Шкендија Арачиново)
Во следното коло на ПМФЛ, Шкендија Арачиново ќе му биде домаќин на Скопје, додека Брегалница гостува кај Силекс во Кратово.

