Шкендија А. со силна порака до Тодоров: „Сите сме со тебе, ќе се бориме заедно до крај!“

Фудбалскиот клуб Шкендија Арачиново испрати емотивна порака до својот фудбалер Миле Тодоров, кој во моментов минува низ тежок семеен период поради здравствената состојба на неговата мајка.

Клубот преку објава на социјалните мрежи му даде поддршка на Тодоров, истакнувајќи го неговиот професионализам, посветеност и пожртвуваност, и покрај личните проблеми со кои се соочува.

„Да останеш вистински професионалец, да го даваш и последниот атом од својата сила на теренот, да се бориш за секоја топка и покрај сложената ситуација со која се соочуваш, тоа заслужува највисока почит од секој вистински љубител на фудбалот.

Миле, ти благодариме за професионализмот, посветеноста и пожртвуваноста! Целото семејство на Шкендија е со тебе! Ќе се бориме заедно, до крај!“, стои во пораката.

Со овој гест, Шкендија Арачиново покажа дека фудбалот не е само резултат и натпревар, туку и солидарност, човечност и поддршка кога е најпотребна. Инаку, Тодоров денеска беше стартер на натпреварот со Шкендија, на кој неговиот тим обезбеди огромен бод (1-1).