• Горан Упале

ФК Шкендија Арачиново упати јавна реакција до Фудбалската федерација на Македонија по денешниот пораз од Струга Трим Лум (0-2), барајќи да се испита однесувањето на главниот судија Влатко Илиоски. Клубот преку соопштение тврди дека во 88. минута судијата му се обратил на капитенот Бесир Демири со навредливите зборови „Мајмун неписмен“, повикувајќи се на изјавата на својот фудбалер.
Од Шкендија Арачиново сметаат дека ваквиот речник е апсолутно неприфатлив и отвора сомнежи за навреда со расистичка конотација. Според клубот, инцидентот предизвикал тензии и по завршувањето на натпреварот, а капитенот Демири доставил официјална писмена изјава до делегатот, во која посочил дека има и сведоци на настанот.
„ФК Шкендија Арачиново бара од Фудбалската федерација на Македонија да го испита однесувањето на судијата Влатко Илиоски за време на натпреварот против Струга Трим Лум. Во 88. минута, според изјавата на нашиот капитен Бесир Демири, судијата Илиоски му се обратил со зборовите „Мајмун неписмен“.
Сметаме дека ваквиот речник е апсолутно неприфатлив за еден фудбалски судија и отвора сериозни сомнежи за навреда со расистичка конотација, особено имајќи предвид дека на теренот настапуваа и двајца темнокожи фудбалери од противничкиот тим. Токму овој инцидент предизвика тензии и по завршувањето на натпреварот, кои можеа да бидат избегнати доколку судијата покажеше професионалност и почит кон фудбалерите.
Нашиот капитен достави официјална писмена изјава до делегатот на натпреварот, во која нагласи дека постојат и сведоци на инцидентот. Бараме од ФФМ да ја објави аудиоснимката од 88. минута, да го испита случајот и да преземе соодветни мерки доколку се потврдат овие наводи. Судиите се на теренот за да делат правда, а не да ги навредуваат и провоцираат фудбалерите“, стои во соопштението на клубот од Арачиново.
Шкендија Арачиново бара ФФМ да ја објави аудиоснимката од спорната 88. минута, да го испита случајот и да преземе соодветни мерки доколку се потврдат наводите.






