• Иван Димовски

Фудбалерите на Струга Трим Лум двапати водеа, ама на крајот загубија од Силекс (2-3) во натпреварот од 18. коло на Првата македонска фудбалска лига.
По оваа средба незадоволството не го криеше тренерот на стружани Бледи Шкемби. Тој нагласи дека имало неколку судиски грешки кои го решиле натпреварот.
„Двапати водевме, постигнавме трет гол и без причина го поништија поради офсајд. Исто така имаше и чист пенал за нас, меѓутоа не беше досуден. Вториот гол на Силекс беше офсајд, а ВАР не реагираше. Мислам дека судијата ни ја одзеде победата. Не сум тренер кој се занимава со судиите, ама многу грешки се прават против нас“, прокоментира Шкемби.
Следниот натпревар од ПМФЛ екипата на Струга го игра против Пелистер во Битола на 21 февруари.






