Шкемби: Имавме малку време за одмор, добро е што освоивме бод на дербито

Тренерот на Струга Трим Лум, Бледи Шкемби, го прокоментира дерби-натпреварот против Шкендија во ПМФЛ, каде неговите избраници првпат сезонава не победија и освоија само еден бод против тетовскиот ривал (1-1). 

Шкемби смета дека тимот не прикажал најдобра игра, но тоа го заснова на краткото време за одмор и густиот распоред на почетокот од првенството. 

„Прво, сакам да им честитам на момците за денешниот натпревар. Беше дерби натпревар и знаевме дека ќе биде многу тешко. Не смееме да заборавиме дека играме во ненормални услови, бидејќи имавме само два дена за закрепнување и подготовка.

Во првото полувреме заморот беше исто така забележлив, не бевме физички свежи и не го прикажавме нашето најдобро издание. Во второто полувреме покажавме карактер и се вративме после примениот гол. Добро е што на крајот освоивме еден бод во дербито.

Што се однесува до поништените голови, не би сакал да ги коментирам“, изјави Шкемби. 

Струга барем привремено остана лидер на табелата со 16 бода, еден повеќе од второпласираниот Силекс, кој во ова коло го забележа првиот сезонски пораз.