Шкемби: Да не ни го поништеа вториот гол, ќе го победевме Скопје

Струга Трим Лум ремизира 1-1 на гостувањето кај Скопје во натпревар од второто коло на Првата македонска фудбалска лига, а по средбата своето видување го даде тренерот на стружани, Бледи Шкемби.

Струга поведе во 55. минута преку Христијан Малески, а осум минути подоцна капитенот Буњамин Шабани постигна уште еден погодок, кој по интервенција на ВАР беше поништен. Домаќинот ја искористи една од ретките можности и во 71. минута стигна до израмнување за конечни 1-1. Шкемби истакна дека неговиот тим влегол на теренот со јасна цел да победи и дека е разочаран од конечниот исход, иако е задоволен од прикажаното.

„Ова беше натпревар што го подготвувавме со намера да го добиеме и мислам дека игравме токму така. Создадовме многу можности за да постигнеме повеќе од еден гол, но не успеавме да ги реализираме. Противникот од малкуте ситуации што ги имаше пред нашиот гол успеа да постигне погодок. И покрај резултатот со кој не сме задоволни, генерално сум задоволен од настапот на моите фудбалери“, изјави Шкемби.

Тој смета дека поништениот втор гол можел да го реши победникот на натпреварот.

„Сигурен сум дека ако го постигневме вториот гол, ќе дојдевме до победата. Сепак, убеден сум дека ќе продолжиме да напредуваме и дека ќе бидеме многу силен тим во продолжението од сезоната“, додаде стратегот на Струга.

Во следното, трето коло од шампионатот, Струга Трим Лум на домашен терен ќе го пречека Вардар.