Шишковски си оди од Работнички, се сели кај Трајчевски во Докса!

Чуварот на мрежата на Работнички, Дамјан Шишковски, ќе си оди од таборот на „романтичарите“ и кариерата ќе ја продолжи на Кипар каде ќе го носи дресот на Докса Катокопиас.

Шишковски преговараше со неговиот матичен клуб, но откако не дојде до договор, се сели на Кипар. Нема да биде сам во тимот, затоа што таму ќе има добропознато друштво во името на Душко Трајчевски, некогашен капитен на Работнички и негов соиграч.

Токму Трајчевски го препорачал Шишковски во Докса Катокопиас, а челниците се решиле да му ја дадат довербата на македонскиот голман. Официјализација на Шишковски се очекува да има наскоро.

За 25-годишниот голман ова ќе биде четврти странски клуб по Гент (Белгија) и Лахти и Ропс (Финска).