Шишко му фати пенал на Тричко, шест Македонци на ист меч на Кипар

Екипата на Докса оствари голем резултат и на домашен терен одигра без голови против фаворизираната АЕК Ларнака, па на табелата ја задржа борбата за местата кои водат во плејофот.

Јунак на натпреварот беше голманот Дамјан Шишковски, кој одбрани пенал. Репрезентативниот голман му фати шут од белата точка на Иван Тричковски, па следеше бурно славје со колегите.

Докса можеше да дојде до предност на стартот на вториот дел затоа што доби пенал, арно ама Садик исто така не реализира пенал како претходно Тричковски.

На овој дуел настапија шест македонски фудбалери - Шишковски, Трајчевски и дебитантот Глишиќ за Докса, како и Спировски, Тричковски и Мојсов за АЕК Ларнака.

АЕК Ларнака е на петтото место во кипарската лига и пет кола нема победа. На контото има 31 бод. Докса е шеста со 26 бода.