Шишковски: Фудбалот ни недостасува, ги броиме деновите без него

Дамјан Шишковски одлично ја чуваше мрежата на Работнички во добрата серија под водство на Ратко Достаниќ, но паузата поради коронавирусот го сопре налетот на „романтичарите“ кои собраа добра бодовна залиха за понатаму.

Еден од најстандардните во составот на дебармаалци за Gol.mk ја коментира актуелната ситуација и вели дека фудбалот навистина му недостасува. Ги одбројува деновите и чека повторно сите да се вратат на зелените терени и да се надигруваат.

„Гледаме да тренираме наутро колку што можеме кога нема луѓе надвор. Попладне го минуваме времето дома, со друштвени игри како карти, монопол, не лути се човече и полека се навикнуваме на ситуацијата. Ги броиме деновите да заврши оваа пандемија, се надеваме дека на крајот на мај повторно ќе почнеме со фудбалот. Во контакт сме со сите од клубот, со Херера често работиме заедно. Со Силјановски исто така сме во контакт. и зборуваме за ситуацијата. Ни недостасува фудбалот, се трудиме да останеме стабилни и сме оптимисти дека ќе продолжи нашиот шампионат. Подобро ќе биде да продолжиме ако има услови, отколку да се поништат резултатите и потоа да почне потоа нова сезона. Најавите се дека ќе има повторно фудбал на стартот на јуни, за да доиграме она што ни остана, да се надеваме дека ќе станат реалност“, изјави Шишковски.

Работнички со петте натпревари без пораз во низа сега е на осмото место со 28 бода и е на шест бода од позицијата која води во квалификациите за Лигата на Европа.