Шишковски: Доста научивме од скопскиот пораз, сакам победа со Австрија! (ВИДЕО)

Фудбалската селекција на Македонија се подготвува за премиерниот настап на Европското првенство и првиот дуел со Австрија

Во репрезентативната база во Букурешт атмосферата е одлична, се тренира и работи пред првото коло, а на денешниот брифинг зборуваа голманите. Дамјан Шишковски се обрати на јавноста и го најави натпреварот со Австрија.

„Се собравме на 25 мај, мислам дека одработивме добри припреми и ни остануваат уште два дена до првиот натпревар на Европското првенство. Одигравме двапати со Австрија во блиско минато. Иако загубивме во Скопје со 4-1, но научивме доста од тој натпревар. Сите ќе бидеме мотивирани в недела, мислам дека ќе биде доволно да извлечеме добар резултат. Секој меч е различен, в недела стартуваме со нула бодови и првиот натпревар со Австрија е најважен, тоа може да биде најдобриот ден во репрезентативниот дрес. За мене не значи многу што сум играл на други натпреварувања. Секој натпревар се подготвува на ист начин, без разлика на противникот. Нема притисок дали е против Австрија или Украина.

Дефанзивата секако одлучува, натпреварите ќе се одлучуваат со минимални грешки и детали. Се надевам дека Австрија прва ќе погреши и ние ќе го казниме тоа. Тие се физички силни, негуваат германски фудбал и знаеме дека ќе бидат опасни на прекини. Се фокусираме да бидеме доминантни во дуелите, со тоа би немале проблеми во одбраната. За мене добар резултат со Австрија е победа“, смета Шишко. 

  • Комплетната изјава на Дамјан Шишковски:

Македонија в недела ќе игра со Австрија, па ќе има неколку денови за подготовка за вториот меч со Украина. По двете кола се патува за Амстердам, на последниот меч од групата против Холандија.