Шиков замина од Тиквеш: Навивачите заслужуваат, но оваа управа не заслужува Прва лига!

На големо изненадување на македонската јавност, Ванче Шиков се раздели со својот матичен клуб, Тиквеш од Кавадарци. Најрепрезентативниот фудбалер на култниот второлигаш од Кавадарци заминува по несогласувањата на управата.

35-годишникот жали што наиде на луѓе кои се далеку од професионалци кога во прашање е менаџирање на клуб и преку телефон го известиле дека не е дел од плановите во вториот дел од сезоната во ВМФЛ-Запад.

„Се вратив само заради навивачите кои заслужуваат промоција во Првата лига. Сепак, оваа управа не заслужува. Ми се јавија по телефон и така ме известија дека не сметаат на мене. Тоа не го заслужив во мојот град и во мојот клуб. Уште еднаш ќе потенцирам дека жалам само за нашите навивачи, кои се неповторливи и не заслужуваат ваков Тиквеш и ваква управа“, ни рече поранешниот репрезентативец.

Централниот дефанзивец не одлучил дали ќе ја продолжи кариерата, но понуди не недостигаат. Ванче Шиков со сигурност не заслужува вака да замине во пензија и голема е веројатноста дека напролет ќе го гледаме во друг дрес.

Шиков во Македонија го носеше дресот на Тиквеш, Академија Пандев, Работнички и Победа, а настапуваше во Австрија, Азербејџан, Грција и Казахстан

Прочитајте повеќе околу тековните трансфери во Македонија и светот на ОВОЈ линк.