Шевченко: Украинските судии ќе мораат да минат полиграфски тест

Претседателот на Украинската фудбалска федерација, Андреј Шевченко, во интервју за телевизијата „НВ“ изјави дека од следната сезона планира да воведе една новина во домашниот шампионат, која веројатно нема премногу да им се допадне на судиите. 

„Имаме суштински проблем со арбитражата. Секое коло добиваме десетици поплаки од клубовите и затоа ќе следат сериозни промени во судиската комисија. Ќе воведеме полиграфско тестирање на судиите, а делегирањето ќе се одвива под строга контрола на независна комисија.

Полиграфот е проверена техника и мислам дека нема да погрешиме. Откако ќе го минат тестот, судиите ќе можат мирно да го одработат натпреварот и така ќе се обидеме да ги намалиме сомнежите за евентуално нечесно судење. Веќе сум во комуникација со многу специјалисти и сите ме советуваат да го примениме полиграфот“, изјави Шевченко. 

Во украинскиот фудбал многу често се случуваат скандали поврзани со судењето. Најчесто тие доаѓаат од Втората лига, но понекогаш тоа е случај и во елитната конкуренција.