Шест навивачи на Силекс ќе бидат кривично гонети за националистичко скандирање!

Шестмина навивачи на Силекс ќе бидат кривично гонети поради националистички извикувања за време на натпреварот од 13. коло на ПМФЛ против Шкупи

Министерството за внатрешни работи во својот дневен билтен го внесе и случајот од Кратово, каде што домашните навивачи имаа националистички и навредливи скандирања. Според МВР, против шест лица ќе се поднесе соодветна кривична пријава поради однесувањето на трибината на „Градскиот стадион“ во Кратово. 

„На 10.11.2025 на стадионот во Кратово, за време на одигрување на фудбалскиот натпревар помеѓу ФК „Силекс“ од Кратово  и ФК „Шкупи“  од  Скопје, полициски службеници од ОВР Кратово констатирале прекршоци од Законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортските натпревари. Имено, за време и по завршување на натпреварот, констатирано е дека С.Ч.(31), С.Д.(28), Д.И. (29), М.Т.(28), С.П.(27) и Т.К.(45), сите од Кратово, недолично се однесувале и извикувале пораки и скандирања со навредлива содржина. По целосно документирање на случајот, против нив ќе следуваат соодветни поднесоци“, стои во дневниот билтен на МВР. 

Силекс беше убедлив и со високи 5-1 го доби натпреварот против Шкупи кој е неконкурентен во тековната натпреварувачка сезона.