Шест контролни средби за Пелистер, ќе тестира со Тирана, Тиквеш, Беласица...

Поранешниот освојувач на Купот на Македонија, битолски Пелистер пред неколку дена и официјално ги стартуваше подготовките за новата натпреварувачка сезона во ВМФЛ-Запад. 

Битолчани со три засилување ја започнаа мисијата за враќање во прволигашкото друштво, а ова лето формата ќе ја билдаат со шест контролни натпревари. Прв тест за „зелено-белите“ ќе биде тимот на Кадино на 27 овој месец. Четири дена подоцна ќе се сретне со Тирана, додека на 4 август ќе се судри со Струга Трим Љум. Сите три натпревари ќе се играат во Охрид. 

Потоа, екипата на Крстески се сели во Битола, каде ќе продолжи со пријателските средби. Под „Тумбе кафе“ ќе гостуваат Беласица (7 август), Тиквеш (11) и Охрид (17 август). 

Пелистер ова лето го засилија Борче Марковски, Мирко Симјановски и Мики Јовановски, а клубот го напуштија помладиот од браќата Љамчевски, Петар кој се пресели во Лабуништа, Трајковски, Маркоски, Велевски и Илијовски.