• Саше Љолес

Екипите на Тиквеш и Струга Трим Лум го одиграа својот последен првенствен натпревар за оваа сезона во ПМФЛ, а на крајот ги поделија бодовите во ремито со конечни 3-3 (2-3). Пред почетокот на натпреварот домашните фудбалери одново оддадоа почит за трагично починатиот Андреј Лазаров, а публиката на сиот глас го скандираше неговото име.
Првото полувреме понуди голема возбуда за публиката која просведочи дури пет погодоци на двете страни. Тиквеш двапати имаше водство со головите на Стојанов и Миловановиќ, но Струга се врати во егал со погодокот на Компаоре и големата грешка на голманот Купанов, кој биеше директно во Малески, од кого топката се стркала во мрежата за израмнување на резултатот (2-2).
До крајот на првиот дел стружани заиграа повисоко, се обидоа да стигнат и до трет гол, а тоа им појде од рака во 42. минута, кога Спировски биеше од далечина, Купанов одбрани, а одбиената топка повторно дојде до Христијан Малески, кој го впиша својот втор погодок на средбата. На паузата Струга имаше водство од 2-3.
Тиквеш се обиде да притисне на стартот од второто полувреме, имаше 1-2 солидни прилики за гол, но без успех во завршницата. Домаќините го освежија тимот со две замени во периодот околу 60. минута, а резултатот во овие моменти сѐ уште беше ист. Струга се закани преку Компаоре и Малески, разигран беше искусниот Стефан Спировски, но Купанов успеа да одбрани два удари на гостинските играчи.
Темпото малку опадна во следните минути, се чинеше дека стружани се задоволни со минималното водство, а тренерот Ѓорѓиевски направи тројна измена и го зацврсти средниот ред, но го внесе во игра и напаѓачот Ланре Кехинде.
Времето полека изминуваше, Тиквеш се обиде со мал притисок повторно да го загрози гостинскиот гол, меѓутоа одбраната на Струга не дозволуваше лесен пристап. Кавадарчани во последните десетина минути тргнаа во силен напад и комплетно се преселија на противничката половина, што резултираше со трет погодок во мрежата на Струга.
Стрелец беше Хрватот Филип Михајлевиќ, кој биеше надвор од казнениот простор, топката се одби од противнички играч и го матираше Стевковски во 85. минута. Конечните 3-3 на крајот беа веројатно вистински приказ за случувањата на теренот.
Струга ја завршува сезоната на четвртата позиција со 51 бод, додека Тиквеш е на осмото место со вкупно 34 бода и го обезбеди опстанокот во елитното друштво.