ВИДЕО: Шериф замина непоразен од Белград, Олимпијакос се спаси во финишот

Црвена Звезда направи чекор назад во борбата за плеј-офот во квалификациите за Лигата на шампионите со денешното реми на домашен терен во двомечот против Шериф (1-1).

Српскиот шампион прв прими погодок, а потоа се врати во игра. На крај имаше среќа што не загуби, бидејќи го заврши мечот со човек помалку, по исклучувањето на Гуелор Канда во второто полувреме.

Гостите од Молдавија одлично отворија и поведоа со погодокот од слободен удар на Франк Кастанеда. Тоа донесе шок на „Рајко Митиќ“, кој се израдува на крајот од првиот дел. Луис Диони собра еден отпадок и израмни, што донесе најава за интересно продлжение.

Почетокот на вторите 45 минути донесоа лоши вести за „црвено-белите“. Габонскиот интернационалец вторпат доби јавна опомена и го остави тимот на цедило.

Шериф одлучи да го чува резултатот, па најубавите шанси во остатокот од мечот ги имаа фудбалерите на Дејан Станковиќ. Марко Гобељиќ можеше да направи пресврт, но биеше за малку непрецизно, што беше последно возбудување на овој дуел.

Вториот меч од вечерната програма донесе идентично реми на Олимпијакос на својот стадион во дуелот со Лудогорец (1-1). Кирил десподов во 50. минута обезбеди почетна предност за бугарскиот претставник, а Меди Камара во финишот го спаси грчкиот првак.