Шеик купи израелски клуб, чии навивачи извикуваат „Смрт за Арапите“

Беитар Ерусалим - клуб што се смета за „етнички чист“ во Израел - стана клуб во сопственост на шеик од Абу Даби. Тоа е веста која одекна во фудбалскиот свет, бидејќи Беитар е познат по тоа што нема арапски играчи во тимот.

Навивачката група „Ла Фамилија“ на стадионот „Теди“ честопати извикува слогани „Смрт за Арапите“, „Смрт за муслиманите“, „Мухамед е хомосексуалец“ за време на натпреварите. Исто така, водачите на навивачката група имаат силни врски со ционистичките структури, минатата година му забранија на клубот да го потпише Нигериецот Али Мухамед, а подоцна го дозволија неговото доаѓање, дознавајќи дека тој всушност е христијанин, под услов да го смени името.

„По деталното испитување на идентитетот на фудбалерот, сакаме да објавиме дека немаме проблем со неговото доаѓање, бидејќи тој е побожен христијанин. Сега бараме од него да го смени името, бидејќи името Мухамед никогаш нема да се слушне на нашиот стадион", стоеше во изјавата на „Ла Фамилија“.

Одеднаш, сè се смени откако шеикот Хамад бин Калифа Ал Нахјан - член на кралското семејство од Абу Даби - купи 50% од акциите на клубот, со обврска да инвестира 78 милиони долари во следните десет години.

„Сакаме да покажеме дека евреите и муслиманите можат да живеат заедно како пример за помладите генерации“, рече еден од сопствениците, Моше Хогег.

Сепак, навивачите веднаш реагираа со цртање расистички графити на sидовите на тренинг кампот. Полицијата уапси неколку од нив, а со сигурност тука нема да заврши приказната со новиот сопственик на клубот.