• Иван Димовски

Фудбалерите на Шефилд Јунајтед со мини серија од три победи во низа се искачија на петтата позиција од табелата, а денес славеа на гостувањето кај Брајтон (1-0). Тие поведоа уште во првиот дел, а екипата од „Амекс Стадион“ немаше сили да се врати во натпреварот. Шефилд сега има два бода позитива над Тотенхем, кој утре игра во дербито со Челзи.
- Брајтон - Шефилд Јунајтед 0-1:
Резултатот го отвори Мек Бурни во 23. минута, кога по една долга топка најдобро се снајде и претрча 30 метри со играчи зад грбот. Тој влезе во шеснаесетте метри на Брајтон и лесно го совлада Рајан. Домашната екипа l, иако имаше контрола на играта, не беше доволно конкретна и не успеа да израмни.
Вулверхемптон запиша три бода по победата со пресврт кај Норич Сити со 2-1 и одржа чекор со Шефилд за местата кои носат европски фудбал догодина. Домаќините поведоа во првиот дел и играа навистина подобро од противникот, но фаворитот притисна и во вториот дел дојде до пресврт.
- Норич Сити - Вулверхемптон 1-2:
Норич поведе уште во 17. минута, кога по едно нафрлување, лошо реагираше одбраната на Волвси. Топката се одби на ногата на Кантвел, кој лесно погоди. Во вториот дел стоперот Саис израмни во 60. минута на одлично нафрлување од Мутињо, а Хименез го комплетираше пресвртот во 81. минута, кога натрча на одбиената топка од Крул.
Саутемптон славеше во дербито од дното на табелата на „Вила Парк“ кај Астон Вила со 3-1. Гостите уште во првиот дел најавија дека се дојдени по трите бода, кога поведоа убедливо. Ингс беше херој на Саутемптон со двата погодоци, а еднаш погоди и Стефенс.
- Астон Вила - Саутемптон 1-3:
Трошка надеж за Астон Вила внесе Џек Грилиш со погодокот во 75. минута, гол по кој домаќините се разиграа. Тие имаа уште неколку шанси, но не успеаја дополнително да го загрозат водството на Саутемптон.
Барнли славеше на гостувањето кај Борнмут со голот во самиот финиш на дуелот (1-0). Овој дуел мина без многу возбудувања, а интересно е дека голот падна по единствениот шут кон голот од двете екипи.
- Борнмут - Барнли 0-1:
Натпреварот се играше доста резервирано и со многу дуели на средината на теренот, без конкретни закани кон голманите. Во текот на целата средба Борнмут имаше само три, од кои ниту еден шут во рамките на голот. Додека Барнли со единствениот шут од двата на дуелот дојде до победа.
Њукасл со голот на Алмирон во 83. минута запиша нови три бода, против разиграниот Кристал Палас. Иако гостите беа подобар противник, сепак победата остана на „Сент Џејмс Парк“.
- Њукасл Јунајтед - Кристал Палас 1-0:
Со оваа победа Њукасл е на деветата позиција од табелата, со 25 бода, односно само три зад Шефилд кој се наоѓа на петтото место.