Шанса за „лудо“ сценарио на СП: Може да заиграат две селекции кои се под иста држава

Светското првенство во 2026 година во САД, Канада и Мексико ќе биде историско од повеќе аспекти бидејќи ќе биде прво со 48 учесници, а можно е да стане посебно и по уште една причина. Вторпат во историјата би можеле да видиме земја и нејзина прекуокеанска територија заедно на Мундијалот.

Франција речиси сигурно ќе обезбеди директен пласман, но изненадување би можела да биде Нова Каледонија, која како вицешампион на Океанија ќе игра во интерконтиненталниот плејоф во март 2026 година во Мексико.

Ако ја мине таа пречка, Нова Каледонија би станала првата прекуокеанска територија на Франција што ќе се појави на Светско првенство, а прва воопшто по 1938 година кога настапија Холандија и тогашната Холандска Источна Индија (денешна Индонезија). Интересно е што, доколку Франција и Нова Каледонија се најдат во иста група, двапати пред натпреварот би можела да се интонира истата химна.

Сепак, тешко е да се верува дека Нова Каледонија би можела да го мине интерконтиненталниот плеј-оф каде што ќе играат доста поквалитетни и подоброрангирани селекции.