Шампионот Шкендија клучна пречка на Македонија ЃП во патот кон Европа

По тренерската смена и враќањето на Александар Таневски на кормилото на тимот, Македонија Ѓорче Петров ги забележа посакуваните резултати во Првата македонска фудбалска лига и сега сама одлучува дали идната сезона ќе ја започне со натпревари на европска сцена.

„Лавовите“ од Ѓорче имаа фантастична прва полусезона во домашниот шампионат, но по паузата влегоа во непосакувана криза и тоа резултираше со заминување на тренерот Жикица Тасевски. Но раководството на тимот го направи вистинскиот потег, затоа што го врати Таневски, стратег кој добро ја знае состојбата во клубот и играчкиот ростер, па тоа донесе убедлива победа над Пелистер и тврдо реми со второпласираниот Шкупи.

Сега, пред фудбалерите на Македонија ЃП е главниот предизвик оваа сезона и дуел кој не смеат да го загубат. Но, остварувањето на оваа цел ќе им биде многу тешка, бидејќи пред себе ќе го имаат новиот шампион Шкендија, кој пак се опушти по освојувањето на титулата и во претходното коло загуби од Струга Трим Љум. Затоа, тетовчани кои во последниот период беа мета на критики од својот тренер ќе сакаат да докажат зошто се шампиони и ескпресно да им се вратат на победите во ПМФЛ.

До крајот на шампионатот преостануваат уште две кола, а Македонија ЃП само со победа на денешниот дуел со Шкендија ќе ја задржи третата позиција на табелата, последна која идната сезона води квалификациите за Конференциската лига на УЕФА.