ВИДЕО: Шампионот и со човек помалку сигурно слави кај Брегалница

Македонскиот првак Струга Трим Љум се радува на третиот сезонски триумф во ПМФЛ, на гостувањето кај Брегалница со 1-3 (0-1). Пресметката на „Градскиот стадион“ во Штип понуди три погодоци, меѓутоа дури и три црвени картони. Интересно, стружани околу 40 минути беа екипата со човек помалку, ама тоа не ги спречи да освојат цел плен во „градот под Исарот“.

  • Головите од натпреварот:

Пресметката тргна со подобро темпо за гостинската екипа која важеше и за фаворит. Стружани бргу дојдоа до водечки погодок. По слободен удар и лоша проценка на голманот Давков, одбиената топка во гол ја претвори Бесмир Бојку за 0-1 во шестата минута. Сепак, пех за шампионот беше втората јавна опомена и исклучување за Георгиевски по само 20 минути игра. За среќа на гостите, силите на теренот беа израмнети бргу, по само седум минути беше исклучен и Лалива. До паузата штипјани се обидоа да се наметнат, ама немаа сили за израмнувачки погодок. 

Во второто полувреме, по мирниот старт, Брегалница успеа да дојде до егал. Течеше 56. минута, по центаршут од левата напаѓачка страна со глава стрела Давид Калпачки и донесе израмнување. Меѓутоа, радоста на „сините“ траеше кратко бидејќи Струга веќе во следната акција дојде пак до предност. Меџит Незири проби на десната страна, дојде до „мртов агол“, па одложи до Бесарт Ибраими. Штипјани не успеаја да добро да му парираат на најдобриот стрелец во мак-фудбалот, кој со добар удар го матира Давков за 1-2. И одново стружани останаа со човек помалку, бидејќи во 68. минута стрелецот на првиот гол Бојку направи фаул од зад грб и доби црвен картон. 

Брегалница се наметна во завршницата, се обиде да дојде одново до израмнување. Фаворитот во завршницата успеа и да ја зголеми предноста. Во судиското продолжение Хоган Укпа излета во ситуација за дриблинг, лесно го мина Кочанковски и стрела за конечните 1-3. Стружани врзаа две победи во првенството, па само со четири одиграни средби има девет бода, а на исто бодовно салдо е и Брегалница по седум одиграни меча.