• Горан Упале
Германскиот фудбалски шампион, Баер Леверкузен, експресно им се врати на победите во Бундеслигата, откако со убедливи 1-4 славеше на гостувањето кај Хофенхајм, во третото коло од новата сезона во домашниот шампионат.
- Хофенхајм - Баер Леверкузен 1-4:
Момците на Чаби Алонсо, кои минатата сезона испишаа историја, попладнево одиграа моќно против секогаш незгодниот противник и со по два гола во двете полувремиња впишаа нови три бода на своето конто. Во првото полувреме домашната мрежа ја затресоа Терие (деби-гол) и Бонифејс, додека во второто во листата на стрелците се запиша уште Вирц, а втор погодок постигна Бонифејс. Почесниот погодок за Хофенхајм го постигна Бериша за тогашни 1-2.
Значајна гостинска победа забележа и тимот на Штутгарт во дербито на колото против Борусија Менхенгладбах. Ундав и Демировиќ (2) беа творци на победата на „швабите“, а за Борусија погоди Плеа.
Три бода на гости освои и екипата на Ајнтрахт Франкфурт, која со 1-2 славеше на соочувањето со Волсфсбург, додека Фрајбург пред својата публика извојува победа над Бохум од 2-1.
Единствениот натпревар кој што заврши без победник, но и без голови, се одигра во Лајпциг, каде „биковите“ потфрлија и ремизираа со Унион Берлин (0-0). Опенда ја испушти најголемата шанса на натпреварот, откако во финишот не реализира удар од единаесет метри. Ељиф Елмас не доби шанса за докажување.