• Иван Димовски
Скот Мектоминеј ја доби престижната награда за МВП во Серија А во изборот на Асоцијацијата на професионални фудбалери во Италија. Шкотланѓанецот имаше блескава сезона во калчото, а ова е нова потврда откако претходно го доби признанието и од челниците на лигата.
Мектоминеј беше моторот на Наполи во походот кон шампионската титула, остварена неполна година по неговото заминување од Манчестер Јунајтед, каде што беше надвор од плановите на Ерик тен Хаг. Наполитанците доминираа во Серија А, а неговиот придонес беше клучен за враќањето на трофејот во Неапол.
Поради доминацијата за најдобар тренер за сезоната 2024/25 е избран Антонио Конте, стратегот што го предводеше тимот од југот на Италија до врвот и ја изгради шампионската машинерија. Наполи логично ја освои и наградата за тим на годината.
Николо Бертола беше прогласен за најдобар млад играч, Даниеле Довери ја доби наградата за најдобар судија, а фудбалските легенди Џорџо Кјелини и Леонардо Бонучи беа почестени со признание за животно дело.
Одбрана беше и идеалната постава за сезоната и во неа се најдоа: Миле Свилар (Рома), Дензел Дамфрис (Интер), Алесандро Бастони (Интер), Амир Рахмани (Наполи), Федерико Димарко (Интер), Тијани Реијндерс (Милан), Николо Барела (Интер), Скот Мектоминеј (Наполи), Мојс Кеан (Фиорентина), Матео Ретеги (Аталанта) и Лаутаро Мартинез (Интер).


