• Горан Упале
Без поголеми изненадувања завршија неделните натпревари од Купот на Германија. Шалке, Ајнтрахт, Борусија Менхенгладбах, Келн, Падерборн, Гројтер Фирт, Карлсруе, Кајзерслаутерн, Аугсбург, Холштајн Кил и Елверсберг го обезбедија своето место во следната рунда.
Највозбудливиот натпревар се одигра во Лајпциг, каде што регионалниот тим Локомотива беше домаќин на Шалке 04. Бидејќи немаше голови по деведесет минути, мораше да се играат продолженија, во кои Шалке успеа да го скрши отпорот на домаќинот и со голот на Брајан Ласме во 107. минута да обезбеди понатамошен пласман.
Најубедливи победи забележаа членовите на Цвајте, Кајзерслаутерн и Карлсруе. „Црвените ѓаволи“ славеа на гости против РСВ Ајнтрахт со 7-0, додека Карлсруе, исто така, го победи Меселвиц на гости со 5-0.
Сигурни беа и бундеслигашите. Ајнтрахт го совлада Енгерс со 5-0 на гости, Борусија Менхенгладбах славеше над Делменхорст со 3-2, Аугсбург беше поуспешен од Халешер со 2-0, а Келн извојува триумф над Регенсбург со 2-1.









