Шаќири: Во нашата глава е победа, макар и по пенал-рулетот!

По неколку учества во плеј-офот на Лига Европа и пропуштена шанса за место во групен сегмент на второто по ранг европско клупско натпреварување, Шкендија сега се наоѓа пред нова шанса за долга европска есен.

По нерешените 1-1 од Стокхолм пред една недела, утревечер во Скопје на тетовчани им треба било каква победа против АИК Солна од Шведска. На денешната прес-конференција Артим Шаќири го најави натпреварот.

„Очекувам поинаков натпревар за разлика од првиот, затоа што сега мора да има победник. Тој нерешен резултат не ни игра ништо. Во нашата глава е на крајот дека ние ќе бидеме победници, ако сака тоа нека биде и на пенали. Минав две години во Шведска, добро го познавам и противникот и клубот и верувам дека можеме да оствариме пласман во плеј-офот“, смета Шаќири: 

Тетовчани славеа на три од пет натпревари и уште се непоразени во Европа. Успех против Швеѓаните ќе им донесе најмалку уште осум натпревари на фудбалерите на Шкендија и ќе ја наполни касата на клубот.