ВИДЕО: Шаќири и Џака ја израдуваа Швајцарија, Србија пред невозможна мисија

Швајцарија победа

Второто коло од групата Е се комплетираше со мечот во кој Швајцарија ја победи Србија и се искачи на делба на првото место заедно со Бразил. Херој на швајцарската репрезентација беше Чердан Шаќири кој погоди во завршницата за целосен пресврт и прва победа на Мундијалот.

Почетокот беше во корист на српската репрезентација, која успеа да обезбеди предност уште во 5. минута и истата ја задржа до крајот на полувремето. Стрелец на голот беше Александар Митровиќ кој со глава го надмудри Зомер.

Избраниците на Младен Крстајиќ ја контролираа играта на средниот ред што беше клучот за доброто издание во првиот дел. Швајцарците се заканија во неколку наврати, но ништо посериозно што би можело да испрати закана кон Стојковиќ. 

Како што започна првото, таков старт имаше и второто полувреме, но овојпат погодок постигнаа фудбалерите на Швајцарија. Брзата транзиција од одбрана во напад му овозможи на Шаќири отворен шут, кој сепак заврши во телото на Александар Коларов. Но акцијата продолжи на левата страна каде на одбиената топка налета Џака и со силен удар ја затресе српската мрежа за 1-1 по 52 минути игра.

Иако со топка повеќе играа српските репрезентативци, подобрите шанси до крајот ги имаа Швајцарците. Марио Гаврановиќ имаше одлична прилика од непосредна близина, но во последен момент го загуби чекорот и биеше во рацете на српскиот голман. Кога се мислеше дека се е готово, Шаќири истрча контра напад и мудро биеше покрај Стојковиќ за конечни 2-1 и прва победа на Светското првенство за својата екипа.

Третото коло, кое ќе ги открие имињата на осминафиналистите, е закажано за 27 јуни со почеток од 20.00 часот.