ВИДЕО: Шахтјор го „освои“ Абердин, Фиорентина рутински се справи со Сигма

Некогашниот тим на Бојан Миовски, Абердин, не ја искористи одличната атмосфера и големата поддршка на „Питорди“ и загуби од Шахтјор со 2-3, во еден од највозбудливите и најефикасните натпревари од вечерната програмата во Конференциската лига. 

Натпреварот во Шкотска започна со рано водство на домаќинот, откако Карлсон погоди од пенал за 1-0. Сепак, до крајот на полувремето украинскиот тим се врати во игра и преку Назарна израмни на 1-1. Во вториот дел следуваше нов шок за домаќините и два гола на тимот од Украина. Лукас Фереира и Енрике го одведоа Шахтјор во водство од 1-3, а до крајот на средбата Абердин успеа само да го ублажи поразот и Девлин ги постави конечните 2-3. 

Стартни три бода запиша и тимот на АЕК Ларнака. Кипарскиот претставник за кого своевремено прва ѕвездата беше нашиот Иван Тричковски, го одбрани домашниот терен и против фаворизираниот АЗ Алкмар славеше со 4-0. Автори на победата на тимот од Ларнака беа Рубио, Ивановиќ, Баљиќ и Роден, но домаќините голема помош добија од Пенетра кој уште во втората минута заработи црвен картон и  го остави АЗ Алкмар со играч помалку. 

Финалистот од пред две сезони, Фиорентина, конечно ги израдува своите фанови со една победа. „Виолетовите“ сè уште се без триумф во Серија А, по пет одиграни кола, но затоа на меѓународна сцена бележат позитивни резултати. На својот „Артемио Франки“ Фиорентина рутински со 2-0 го совлада Сигма Оломоуц, а херои на калчолигашот беа Пиколи и Ндоур.

На останатите натпревари Легија загуби дома од Самсун со 0-1, Целје беше подобар од АЕК со 3-1, а Раков ја надигра Университатеа Крајова со 2-0. Најубедлива победа извојува Спарта Прага над Шелбурн од 4-1.