Шабани: Во финале не е потребна дополнителна мотивација, посакуваме уште еден трофеј

Струга Трим Љум ќе го нападне и трофејот во Купот на Македонија, во финалниот натпревар против Македонија Ѓорче Петров. Откако веќе ја освои титулата во првенството, шансата за двојно славје за тимот од покрај Охридското езеро е тука. 

Пред финалето против „лавовите“, своите очекувања ги изнесе капитенот на стружани, Буњамин Шабани. 

„Кога се игра еден ваков натпревар не ти треба дополнителна мотивација, значењето на самиот меч е доволно да те мотивира. Јас сум дел од најголемите успеси на Струга Трим Лум и затоа сум горд што пред некој ден станавме шампиони во првенството, сега на ред е двојната круна. Тимот од Ѓорче Петров заслужува голем респект. Во првенството одигравме три меча и сите завршија без победник, веројатно тоа гарантира едно неизвесно финале. Сепак, ние сме шампиони и секако дека посакувам уште еден трофеј“, изјави Шабани. 

За Струга ова е прво историско финале, додека за Македонија Ѓорче Петров петто. Скопјани го бранат ланскиот трофеј, кој за нив беше втор во историјата.