Шабани: Ќе биде празник на фудбалот во Тетово!

Струга Трим Лум сѐ уште се надева дека може да стигне до втората позиција на табелата, иако има заостанување од шест бода во однос на Шкендија, а денес гостува токму во Тетово. Капитенот на тимот, Буњамин Шабани, вели дека тој и соиграчите се подготвени за надигрување.

„Нѐ очекува дерби натпревар против многу квалитетен тим. Мислам дека ќе биде многу интересен меч и празник за сите љубители на фудбалот. Што се однесува до нас како екипа, можам да кажам дека подготвени го очекуваме овој дуел. Статистиката во вакви мечеви не значи многу, бидејќи секој натпревар е посебна приказна. Ќе влеземе во игра со цел да го дадеме најдоброто од себе, да ја играме нашата препознатлива игра, добро да го спроведеме тактичкиот дел, она што го бара стручниот штаб и верувам дека на крајот резултатот нема да изостане“, изјави Шабани.

Натпреварот меѓу Шкендија и Струга Трим Лум е закажан во 16:00 часот, на „Градскиот стадион“ во Тетово.

Кикс на Шкендија ќе го израдува Вардар кој е на чекор до шампионската титула во ПМФЛ.