• Иван Димовски

Капитенот на Струга Трим Лум, Буњамин Шабани, со голем респект го најави четвртфиналниот дуел против Шкендија во Купот на Македонија. Стружани влегуваат во мечот по две последователни победи во првенството, а Шабани очекува нов тежок предизвик против добро познат ривал.
„Би сакале овој натпревар да биде финале затоа што верувам дека би создал многу добра атмосфера, но за жал ждрепката сакаше да се сретнеме уште во четвртфиналето. Натпреварите со Шкендија секогаш биле интересни и неизвесни до самиот крај, па мислам дека детали ќе решаваат. Домашниот терен можеби е мала предност, но не мислам дека игра преголема улога во оваа фаза против противник како Шкендија.
Секој натпревар е приказна за себе. Минатата година ние бевме тие што победивме и обезбедивме финале. Нормално, имаме квалитет и сила да повториме нешто такво, но мора да имаме в предвид дека играме против квалитетен тим, па треба да бидеме многу дисциплинирани за да ја оствариме целта. Досега добро се снаоѓавме против Шкендија, особено во Купот каде што не знаеме за пораз. Се надеваме дека ќе продолжиме во истиот ритам и оваа година. Како што кажав, имаме квалитетен тим, но мора да одиграме без грешки и со максимална дисциплина, бидејќи во вакви натпревари, кога се игра само еден меч, еден момент може да ја реши судбината. Сметам дека утре треба да биде вистински фудбалски празник во Струга, со што повеќе навивачи на трибините, бидејќи фудбалот се игра за нив. Се надеваме на одлична атмосфера и на крајот да победи фудбалот“, изјави Шабани.
Натпреварот меѓу Струга Трим Љум и Шкендија се игра в среда во терминот од 14:30 часот, а победникот ќе обезбеди пласман во полуфиналето каде што веќе се Шкендија Арачиново, Охрид и Силекс.




