Сезоната заврши за Ристовски: Нема да игра ниту на финалето на Купот против Порто

Македонскиот репрезентативец, Стефан Ристовски, ќе пропушти уште две големи дерби средби на португалскиот фудбал, односно за него сезоната и официјално е завршена. 

Искусниот десен бек на Спортинг Лисабон претходниот викенд стартуваше неспортски без топка и заработи директен црвен картон на натпреварот против Тондела, а дисциплинската комисија на Примеира процени дека имало намерно удирање на противникот, па покрај вообичаениот еден натпревар, дополнително го казни со уште еден натпревар неиграње. 

Тоа значи дека Ристовски нема да настапи на двата натпревари против големиот ривал Порто. Првиот се игра во рамки од последното коло на домашниот шампионат, додека вториот е финалето на националниот Куп. 

За македонскиот фудбалер ова беше трет црвен картон оваа сезона, а претходно поради идентична суспензија ги пропушти двата натпревари против лутиот ривал Бенфика.