ВИДЕО: Севиља ремизираше против Алавес и веќе заостанува зад Барса и Реал

Во последниот натпревар од 26. коло на Примера, фудбалерите на Севиља на гостувањето кај Алавес одиграа 1-1 (0-1) и се чини дека полека го губат чекорот со водечките Барселона и Реал Мадрид во битката за титулата.

Гостите од Андалузија добро го започна натпреварот и преку Витоло имаа шанса уште во петтата минута, но неговиот удар заврши покрај голот. Во 23. минута Бен Једер ја искористи асистенцијата на Сарабиа и од работ на шеснаесетникот погоди за 0-1. Домаќините во првиот дел имаа неколку полушанси, но не успеаа да го совладаат гостинскиот голман Рико, па на одмор заминаа со минимална негатива.

Избраниците на Сампаоли на почетокот на вториот дел имаа јалова иницијатива и се обидуваа да постигнат втор гол. Тоа значеше и простор за фудбалерите на Алавес, за кои во 54. минута Токеро од изгледна ситуација биеше над голот. Сепак, својата подобра игра фудбалерите на Пелегрино ја крунисаа во 74. минута по голот на Катаи, на кој му кумуваше грешка на голманот Серџо Рико (1-1). До крајот баскискиот тим беше тој кој имаше повеќе од играта, но не успеа да постигне гол за целосен пресврт.

Во наредното коло фудбалерите на Севиља го пречекуваат Леганес, а Алавес гостува кај Малага.