ВИДЕО: Севиља неочекувано поразена од Стандард, Бешикташ со епски пресврт го совлада Сарпсборг

Фудбалерите на Севиља, во рамките на 5. коло од Лига Европа на гостински терен се поразени од Стандард Лиеж со 1-0 (1-0), па во последното коло ќе мора да слават победа против Краснодар, доколку сакаат да обезбедат место во елиминационата фаза.

Стрелец на победничкиот гол за Белгијците беше Џенепо во 62. минута, а последните 25 минути гостите ги одиграа со играч помалку по исклучувањето на Пабло Сарабија.

Дуелот во групата И меѓу Малмо и Генк заврши 2-2, додека тимот на Бешикташ со голот на Ленс во 90. минута направи комплетен пресврт и по негативата од 2-0, на крајот славеше со 2-3. Мечот во Норвешка повторно го одбележа Лорис Кариус, кој најпрво беше лобуван од 40 метри, а потоа „заплива“ во празно и ќе беше еден од главните виновници доколку Бешикташ загубеше.

Во групата Х, во која од претходно се познати патниците во елиминационата фаза, Аполон го совлада десеткуваниот тим на Лацио со 2-0, додека тимот на Ајнтрахт Франкфурт на домашен терен славеше против Олимик Марсеј со 4-0.

Повторно нова блескава партија за германскиот тим одигра Лука Јовиќ, кој погоди по само 56 секунди игра, а во продолжение најпрво Луиз Густаво, а потоа и Митроглу ја погодија сопствената мрежа и донесоа високи 3-0 за Ајнтрахт против Олимпик Марсеј. Конечните 4-0 ги постави Лука Јовиќ во 67. минута.