• Саше Љолес

Хозе Луис Мендилибар до крајот на сезоната ќе биде предводник на шпанскиот прволигаш Севиља. Оваа информација до медиумите предмалку притигнала од андалузискиот клуб преку официјално соопштение.
62-годишниот тренер од Баскија последен пат работеше во екипата на Алавес, а во Севиља доаѓа на тримесечен договор со можност за продолжување на соработката. Мендилибар најзначајната етапа во својата кариера ја имаше во тимот на Еибар и се смета за стратег со солидно искуство. Тој повеќе од петнаесет години е тренер на разни прволигаши и второлигаши, а меѓу клубовите чиј предводник беше, се наоѓаат Еибар, Ваљадолид, Атлетик Билбао, Осасуна, Леванте и Алавес.
Се очекува тој веднаш да се стави на располагање во Севиља, која има очајна сезона во Примера и се наоѓа на 14. место со само 28 освоени бодови.
Ова е разочарувачки пласман за тим кој се очекуваше да се бори за излез во Европа, па дури и за место во Лигата на шампионите. Затоа управата на Севиља одлучи да се збогува со Хорхе Сампаоли и на негово место да го доведе Хозе Луис Мендилибар.