ВИДЕО: Северна Ирска со ЕДИНАЕСЕТ гола ѝ приреди дебакл на Македонија

Женската сениорска репрезентација на Македонија доживеја домашен дебакл во натпреварот со Северна Ирска и загуби со неверојатни 0-11 (0-7). Пресметката од петтото коло во квалификациите за Светското првенство во 2023 година се одигра на тренинг центарот при ФФМ, а на теренот „Петар Милошевски“ девојките на Кирил Изов добија фудбалска лекција. 

  • Извештај од натпреварот:

Иако се најавуваше борба и можеби се размислуваше за изненадување на гостинскиот состав, сепак натпреварот тргна катастрофално. Само четири минути беа потребни за Северна Ирска да поведе, а стрелец беше Рејчел Фурнес по центаршут на Ванс и лоша проценка на македонската голманка (0-1). 

Следеа црни седум минути за македонските фудбалерки, во кои примија дури три гола. Ребека МекКена по десет минути игра ја удвои предноста, а Симон Магил веќе во следната акција стрелаше за 0-3. По лоша реакција на одбраната, Фурнес доби пенал и го реализираше за 0-4, за потоа по игра со рака пак да шутира од единаесер метри. Меѓутоа, овојпат голманката Лековска ѝ го скроти ударот. Петтиот погодок беше дело на Лорел Вејд, по што во 26. минута на семафорот стоеше 0-5.

Македонија немаше идеја и решение за расположените гостинки. Репрезентативките на Северна Ирска доминираа во сите сегменти од играта, а нашите фудбалерки не успеваа да врзат ниту повеќе пасови во низа, уште помалку да направат опасна акција. До полувремето Кирстен МекГинес и Магил успеаја уште двапати да ја стресат мрежата на Лековска, па гостинките на пауза заминаа со огромни 0-7. 

По паузата Северна Ирска како да отстапи од апсолутниот притисок, но и покрај тоа имаше контрола на ситуацијата. Селекторот Изов се реши за промени и Македонија колку-толку се консолидираше, но тоа не беше доволно за нешто посериозно. Девојките во црвени дресови имаа практично една шанса, од слободен удар кој не заврши во рамките на противничкиот гол.

Рејчел Фурнес го комплетираше својот хет-трик во 68. минута, додека само пет подоцна по нејзините стапки појде и Симон Магил. Напаѓачката на Евертон, Магил, во продолжението успеа да го даде и својот четврти погодок, додека конечните 0-11 ги постави Ребека Холовеј во 91. минута од натпреварот.

Македонија има многу да учи, да го крене квалитетот и дури потоа може да размисли да парира на ривал од Островот, каде што се игра можеби најквалитетниот женски фудбал.