Сестрата на Роналдо: Ова е срам за фудбалот, сакаат да го уништат мојот брат!

Најскапиот фудбалер во историјата на Јувентус, Кристијано Роналдо, имаше неславно деби за италијанскиот првак во Лигата на шампионите. 

Некогашната ѕвезда на Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид по само 29 минути игра на дуелот против Валенсија неспортски, без топка, удри по противнички фудбалер и судијата Феликс Брих веднаш му го покажа патот кон соблекувалната. 

За многумина ова е престрога одлука на искусниот германски судија, а сестрата на Роналдо, Катиа Авеиро беше меѓу првите кои го искажаа своето незадоволство од црвениот картон на Португалецот. 

„Ова е срам за фудбалот, но правдата ќе биде задоволена. Сакаат да го уништат мојот брат, но Господ никогаш не спие“, напиша незадоволната Катиа на Инстаграм. 

Сепак, „старата дама“ без многу проблеми ја запиша првата победа во новата сезона на Лигата на шампионите, откако Пјаниќ со два реализирани удари од 0-2 ја остави со празни раце денес очајната Валенсија.