Серијата без пораз трае: Мароко по пенали до финале на АКН!

Фудбалската репрезентација на Мароко е вториот финалист на Африканскиот куп на нации, откако по вистинска драма и изведување на пенали ја совлада Нигерија, изборувајќи финален дуел против актуелниот шампион Сенегал. Полуфиналната пресметка понуди голема борба, но не и голови во 120 минути игра. По нерешените 0-0 во регуларниот тек и продолженијата, патникот во финалето беше решен од белата точка, каде што мароканските фудбалери покажаа поголема смиреност и ја продолжија серијата без пораз која достигна 23 натпревари по ред.

Мароко подобро го отвори натпреварот и уште во раната фаза создаде неколку сериозни закани. Брахим Диаз во 9. минута шутираше покрај стативата, додека Исмаел Саибари и Нусаир Мазрауи имаа изгледни ситуации во казнениот простор. Најзаслужен што мрежата на Нигерија остана недопрена во првото полувреме беше голманот Стенли Нвабали, кој во 39. минута маестрално одбрани удар на Мазрауи од непосредна близина. Најдобрата шанса за Мароко ја пропушти повторно Диаз во 28. минута, кога со глава од околу 11 метри ја испрати топката покрај голот.

Нигерија возвраќаше преку Адемола Лукман и Виктор Осимен. Лукман се закани во 15. минута, но сигурно интервенираше Боно, додека Осимен неколкупати беше запрен од цврстата мароканска одбрана пред да дојде до чист удар. Во вториот дел Мароко продолжи со офанзивниот пристап. Абде Езалзули во 52. и 83. минута го тестираше Нвабали, кој повторно беше на висина на задачата. Обиди имаа и Ајуб Ел Кааби и Хамза Игамане, но без завршница што би донела погодок. Нигерија најблиску до гол дојде преку Рафаел Онједика, кој во 51. минута шутираше покрај голот, додека неколку центаршути останаа неискористени.

Во продолженијата, Нигерија имаше поголем посед и ја контролираше играта, но без конкретни шанси. Мароко се обидуваше преку брзи комбинации, но ударите на Игамане и Бен Сегир беа недоволно опасни. Откако натпреварот заврши без голови, одлуката падна по изведување пенали. Двете селекции беа прецизни во првата серија, а потоа следуваа промашувања на двете страни. Клучниот момент се случи во четвртата серија, Ашраф Хакими погоди за Мароко, додека Онијемачи не успеа да реализира за Нигерија. Неколку секунди подоцна, Јусуф Ен Несири беше прецизен и му обезбеди на Мароко место во големото финале.

Така, „Атласките лавови“ ќе се борат за континенталната титула против силната селекција на Сенегал, во финале кое ветува врвен фудбал и спектакл.