Серија А со нечовечки потег, не му излезе во пресрет на Лече и покрај трагедијата

Натпреварот Аталанта - Лече од 34. коло на Серија А предизвика негодување кај фудбалската јавност во Италија. Причината е што во четвртокот ненадејно почина долгогодишниот физиотерапевт на Лече, Грацијано Фиорита. Така, Серија А делумно го зеде предвид жалењето на гостите и го одложи натпреварот со Аталанта за во недела, откако првично беше закажано да се игра во петок.

Според италијанските медиуми, „Џалоросите“ инсистирале воопшто да не играат овој викенд и натпреварот да се одложи за уште подоцнежен датум. Сепак, фудбалската лига не го испочитува ова барање и го одложи натпреварот за 20:45 часот во недела, а во случај Лече да не излезе на натпреварот ќе значи службен пораз за тимот кој се бори да не испадне од италијанската елита.

Во меѓувреме, ултрасите на Аталанта и Лече најавија бојкот на натпреварот, огорчени од ставот на фудбалската лига. Навивачите на „Џалоросите“ поставија транспарент пред стадионот на клубот „Виа дел Маре“, на кој пишуваше: „Неизлегувањето на теренот е единственото нешто што треба да го направите. Лигата е скандалозна“.

Навивачите на тимот од Бергамо потоа ги поддржаа ривалите и излегоа со официјален став, наведувајќи дека за време на натпреварот нема да истакнуваат транспаренти, да мавтаат со знамиња или да скандираат.