Серија А добива уште едно место во ЛШ, Германците и Англичаните во „мртва“ трка

Следната сезона, доколку нема неочекуван расплет во евро-куповите, Серија А ќе даде пет директни претставници во Лигата на шампионите. Oстанува да се види како ќе заврши битката меѓу бундеслигашите и премиерлигашите.

Како што се ближи крајот на сезоната во европските клупски натпреварувања, битката за дополнителниte две места во Лигата на шампионите следната сезона се вжештува. Одамна е познато дека елитата ќе биде проширена за четири места, а две од тие четири места ќе им припаднат на земјите кои ќе имаат најдобар национален коефициент во тековната сезона.

Засега, по малку изненадувачки, италијанските клубови имаат најдобри резултати, па доколку нема големи изненадувања, следната сезона Серија А ќе има пет учесници во Лигата на шампионите. Оваа сезона италијанските клубови не се прославија во Лигата на шампионите, откако во осминафиналето беа елиминирани последните претставници на земјата на Апенинскиот полуостров, а тоа се Интер и Наполи.

Сепак, малку нелогичниот факт е дека победата и ремито во Лигата на шампионите, како и во Лига Европа и Конференциската лига, се бодуваат исто. Милан и Рома се во директен дуел за полуфиналето на Лига Европа, а Аталанта оствари голема победа против Ливерпул (0-3) и блиску е и до пласман меѓу четирите најдобри.

Фиорентина му одолеа на Викторија Плзен во Конференциската лига и ќе биде голем фаворит против чешкиот тим на стадионот „Артемио Франки“. Реално е да очекуваме три италијански екипи во полуфиналето на европските Купови.