• Саше Љолес

Лионел Меси вчера беше жестоко исвиркан од навивачите, на натпреварот кој ПСЖ го загуби на домашен терен од екипата на Рен (0-2). Аргентинецот веројатно за првпат во кариерата се најде во ваква ситуација, а денес се засилуваат и шпекулациите за негово евентуално враќање во Барселона летово.
Веднаш по завршувањето на вчерашното „Ел Класико“, интересна изјава даде фудбалерот на Барселона, Серхи Роберто кој рече дека „вратите за Меси се ширум отворени во каталонскиот клуб“.
— Gerard Romero (@gerardromero) March 19, 2023
„Многу би сакал Меси да се врати во нашиот клуб. Мислам дека и претседателот и целата управа активно работат на овој трансфер. Лионел не го заслужува третманот што го добива од навивачите во Париз. Тој едноставно мора да се врати „дома“. Тука стана најдобар играч во историјата на фудбалот и мислам дека тука треба да ја заврши својата спектакуларна кариера“, изјави Серхи Роберто.
Лионел Меси пред две години сосема неочекувано ја напушти Барселона и се пресели во редовите на ПСЖ. Парижаните се под огромен притисок од јавноста откако испаднаа од Лигата на шампионите во двомечот со Баерн Минхен, а атмосферата во соблекувалната е на незавидно ниво. Свирежите за Меси на вчерашниот натпревар против Рен само дополнително ја отежнуваат ситуацијата и голема е веројаноста дека тој ќе замине од таборот на „светците“ во следниот преоден рок.
Доколку се врати во Барселона, тоа ќе биде веројатно еден убав крај на маестралната кариера на Аргентинецот кој пред само три месеци се закити и со светската титула со својата репрезентација и влезе во „бесмртните“, заедно со покојниот Диего Армандо Марадона.