Сергеј Самсоненко официјално го продаде ФК Вардар за симболична сума

Вчера на македонската берза и официјално беа продадени сите акции на најтрофејниот македонски тим Вардар. Медиумот „Фактор“ пренесе дека акциите се продаваа по цена од 20.000 денари за една, а вкупната сума достигна околу два милиони денари. Конечно екипата и официјално доби нови сопственици, кои од пред неколку месеци го водат клубот. 

Компанијата „Блу Скај“ ова лето го презеде клубот од Град Скопје, со големи долгови од околу три милиони евра. Поради тоа, цената на ФК Вардар изнесуваше вкупни 32,520 евра. Новите сопственици ги купија сите сто акции и веќе официјално во целост го презедоа раководството на клубот. 

Како претходен сопственик сè уште фигурираше Сергеј Самсоненко кој, иако го предаде клубот на Град Скопје, сега е официјален продавач на „црвено-црните“.

Вардар првпат оваа година игра во второлигашкото друштво, па со спој на младост и искуство без огромни трошоци се надева дека ќе се врати во елитата. Во својата историја Вардар десет пати беше шампион на ПМФЛ, еднаш го освои трофејот во поранешна Југославија, а играше и во групите на Лигата на Европа.