Серафимов: Среќен сум за првенецот, се надевам ќе има уште голови за Левски!

Македонскиот репрезентативен стопер Никола Серафимов го даде првиот гол во дресот на Левски, откако стрелаше во победата над Хебар (0-3) во Купот на Бугарија.

Дефанзивецот со глава погоди по корнер на стартот на натпреварот, а за него ова беше дебитантски погодок во новиот клуб. Серафимов не ја криеше среќата за голот.

„Многу сум среќен за првиот гол во дресот на Левски. Уште посреќен сум што тоа се случи во Купот на Бугарија. Знаевме дека нема да биде лесно, а тренерот од нас бараше максимален ангажман од стартот на натпреварот. Се надевам дека и во иднина ќе бидам од помош за тимот и дека ова нема да ми биде последен гол за Левски“, изјави Серафимов.

Никола Серафимов го одигра само вториот меч за Левски, бидејќи во првенството главно не е во прв план, а имаше и проблеми со повреда.