Серафимов: Среќен сум што ќе играм за Левски, не размислував многу кога дојде понудата

Македонскиот репрезентативец Никола Серафимов има нов клуб и кариерата ќе ја продолжи во Бугарија, каде потпиша за Левски Софија. Откако потпиша договор на три сезони, нашиот дефанзивец го даде првото интервју за клупската телевизија и истакна дека е среќен што ќе го носи дресот на култниот бугарски клуб.

„Многу сум среќен што сум дел од Левски. Атмосферата тука е навистина одлична. Пријатно сум изненаден од тоа како од првиот ден бев прифатен од сите – соиграчите и стручниот штаб“, рече Серафимов.

Репрезентативецот откри дека не размислувал многу кога дојде понудата од Левски.

„Не ми требаше многу време да размислувам. Со мојот агент разговаравме можеби ден и половина. Го следев во живо натпреварот со Спартак Варна, на кој атмосферата беше феноменална и убаво беше да се биде на трибините“, додаде Македонецот.

Серафимов беше дел од Фехервар од 2022 година каде дојде од ЗТЕ исто така од Унгарија, а претходно беше дел од Академија Пандев, Јихлава од Чешка, Вардар, Пелистер и Брегалница. За репрезентацијата на Македонија, Серафимов има 22 настапи и еден гол.