• Мартин Танасковски
Македонскиот репрезентативец Никола Серафимов изјави дека победата на Левски над Кајрат од 1-0 во Казахстан е најубавиот подарок што можел да го добие за својот роденден. Со овој триумф бугарскиот тим обезбеди пласман во плејофот за влез во главната фаза на Лигата на шампионите, а Серафимов не го криеше задоволството по натпреварот.
„Нема поголем подарок за мојот роденден од резултатот. Дојдовме со јасна цел да се пласираме во следната рунда и да стигнеме до плејофот за Лигата на шампионите. Не престануваме да сонуваме. Работиме напорно секој ден и добиваме сè поголема самодоверба. Верувам дека можеме да направиме уште поголем успех“, изјави Серафимов.
Тој нагласи дека неговиот тим останал смирен и покрај големиот влог на натпреварот.
„Не би рекол дека бевме под притисок. Во најголемиот дел од мечот бевме мирни и верувавме во тоа што го работиме. Немавме голем посед на топката, што можеби е невообичаено, но најважно беше да ја оствариме целта и да продолжиме понатаму“, додаде македонскиот дефанзивец.
Во следната рунда, последна пред групата во Лигата на шампионите, бугарски Левски ќе игра против АЕК Атина од Грција.






