• Горан Упале
Македонскиот репрезентативец, Никола Серафимов, се огласи по повредата која ја заработи на вчерашниот натпревар меѓу Левски и Славија Софија.
Дефанзивецот мораше предвреме да го напушти теренот по незгодната повреда на раката, а поради сериозноста на ситуацијата беше пренесен во болница за дополнителни прегледи. За среќа, првичните информации се охрабрувачки и Серафимов потврди дека нема посериозни последици.
„За среќа, сè помина добро и без сериозни последици, иако на прв поглед изгледаше страшно. Ви благодарам на сите за пораките и поддршката.
Ве сакам! Се надевам дека ќе ве видам повторно на стадион што е можно поскоро“, напиша Серафимов.
Сега останува да се види колку време Серафимов ќе биде надвор од терените, но неговата порака секако ги израдува навивачите и македонската спортска јавност и селекторот Гоце Седлоски.

