Сензација во женскиот фудбал, Северна Кореја се искачи на светскиот трон!

Женската репрезентација на Северна Кореја до 17 години оствари сензационален резултат и ја совлада фаворизираната Шпанија во големото финале од Светското првенство кое се одржуваше во Доминиканската Република. 

Корејките направија неверојатен успех и ја совладаа Шпанија во пенал-рулетот, откако мечот во регуларното време заврши со конечен резултат 1-1. Херој на победничкиот тим е голманката Ју-Гјонг Пак, која имаше неколку одлични интервенции во регуларното време, а потоа го одбрани и клучниот пенал со кој Северна Кореја се закити со светското злато. 

Корејките четири пати стрелаа прецизно од белата точка, сосема доволно за искачување на светскиот трон и историски успех за својата земја. Решавачкиот пенал го реализираше Рју-Ми Канг, а за најдобра фудбалерка на турнирот беше прогласена нејзината сонародничка, Ил-Чонг Јон, која во регуларниот дел израмни на 1-1 во 66. минута од натпреварот.