Сензација во Франција: ПСЖ елиминиран од градскиот ривал во Купот

Екипата на Париз го приреди најголемото изненадување во Купот на Франција, затоа што го елиминираше првиот фаворит за трофејот – ПСЖ. Во градското дерби одиграно на „Паркот на принцовите“ гостинот славеше со минимални 0-1 (0-0) и го остави европскиот шампион без можност за уште една нова домашна титула. 

  • Извештај од натпреварот:

Луис Енрике на терен испрати силен тим, од најдобриот состав единствено отсуствуваа Дембепе, Дуе и Маркињос, но се чини дека патувањето во Кувајт, како и исцрпувачкиот натпревар од Суперкупот со Олимпик Марсеј, си го зедоа данокот. 

ПСЖ имаше иницијатива и поседот на топката беше на негова страна, но немаше идеја во нападот. Неколкуте шанси во првиот дел не беа вистинска закана за новиот прволигаш, па на полувреме мрежите мируваа во Париз. Во вториот дел Енрике нападна со сите сили, во игра влегоа Дембеле и Дуе, но ниту тоа не донесе резултат.

Напротив, гостинот од единствената посериозна шанса стигна до погодок. Нововлезениот Иконе во 74. минута го замолкна „Паркот на принцовите“ и на Париз му донесе огромна победа и елиминација на моќниот ПСЖ уште во раната фаза од Купот на Франција.