Сензација од Англија: Руни доаѓа како играч и заменик менаџер на Дерби Каунти!

На повидок е изненадувачки трансфер кој во текот на утрешниот ден треба да добие официјализација. Легендата на англискиот фудбал и на Манчестер Јунајтед, Вејн Руни по три сезони во МЛС лигата во Соединетите Американски Држави се враќа во татковината и ќе го облече дресот на Дерби Каунти во Чемпионшип лигата.

Руни ќе биде играч и помошник тренер на Филип Коку и на „Прајд парк“ го чекаат со нетрпение. 33-годишниот Руни во Англија ги носеше дресовите на Манчестер Јунајтед и на Евертон, а само пред неколку дена се шпекулираше со враќање во стручниот штаб на Манчестер Јунајтед.

Дерби минатата сезона играше плеј-оф за промоција во Премиер лигата, но загуби од Астон Вила на „Вембли“ со 2-1. Еден месец подоцна Френк Лампард ја напушти клупата на „овните“ и замина во Челзи, а на негово место дојде поранешниот тренер на ПСВ Ајндховен и на Фенербахче, Филип Коку.